Уапсен Илчо Ѓорѓиоски, поранешен претседател на ФФМ поради сомнеж за финансиски малверзации

Поранешниот претседател на Фудбалска федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, е приведен во координирана акција на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Министерство за внатрешни работи и Финансиската полиција, која се спроведуваше на повеќе локации низ државата.
Заедно со него е приведена и Олгица Младеновска, која била задолжена за финансиското работење за време на неговиот мандат, како и уште околу десетина лица осомничени за финансиски злоупотреби со кои, според сомневањата, е oштетен буџетот на Федерацијата.
Според првичните информации од истрагата, случајот се однесува на сомнежи за финансиски злоупотреби во рамките на ФФМ.
Овој развој на настаните доаѓа кратко време по апсењето на уште еден поранешен претседател на Федерацијата, Муамед Сејдини, кој е осомничен за присвојување на околу 700 илјади евра донација од УЕФА наменета за изградба на трибина на стадионот во Охрид. Истрагата продолжува да се проширува, а надлежните институции се очекува да соопштат повеќе детали по завршувањето на акцијата.



