Укината суспензијата за руските спортисти, Украинците шокирани!

Извршниот одбор на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) ја укина суспензијата на Рускиот олимписки комитет (РОК).
Одлуката за суспензија на Рускиот и Белорускиот олимписки комитет беше во сила од 12 октомври 2023 година поради агресијата врз Украина. Во тој период, спортистите од Русија и Белорусија можеа да настапуваат само како неутрални натпреварувачи кои јавно не го поддржуваа војувањето, и тоа исклучиво во индивидуални дисциплини на Олимписките игри во Париз 2024 и на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина.
Правната комисија на МОК во мај ја укина суспензијата за Белорусите, а од вчера истата одлука ја донесе и за Русите.
Иако во соопштението се наведува дека одлуката е привремена, меѓу редови може да се заклучи дека станува збор за трајно решение, а Украинците се шокирани од образложението на МОК.
Иако Русија беше суспендирана поради почетокот на агресијата на режимот на Владимир Путин врз Украина, во одлуката на Правната комисија на МОК тоа воопшто не се споменува. Наместо тоа, се наведува дека Рускиот олимписки комитет повторно е прифатен бидејќи „Рускиот олимписки комитет повеќе нема ниту една регионална спортска организација меѓу своите членки од териториите што се наоѓаат под јурисдикција на Националниот олимписки комитет на Украина“.
МОК повторно ќе го суспендира Рускиот олимписки комитет само доколку тој повторно вклучи членка од територијата што е под јурисдикција на Националниот олимписки комитет на Украина.
Сите руски спортисти кои ќе се вратат на меѓународните натпреварувања ќе мора да ги исполнуваат сите важечки антидопинг правила.
Подоцна ќе биде донесена одлука дали на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година ќе биде дозволено истакнувањето на руското знаме, другите државни обележја и изведувањето на руската химна.
МОК задржа и одредени, помалку значајни ограничувања за Русија. Во одлуката се наведува дека МОК нема да организира свои натпреварувања во Русија, ниту ќе ги поканува претставниците на руската влада или други државни функционери на своите настани.



