Вистински инвеститори има, но системот ги брка: Фудбал се гради од темел, а не со „ад хок“ решенија

Македонскиот фудбал хронично страда од финансиска нестабилност, но дали проблемот е навистина во недостигот на капитал или во начинот на кој се управува со него? Во гостувањето во емисијата „Мундокаст“ на 4ТВ, познатиот македонски тренер Гораст Михаилов отвори една од најболните теми во домашниот спорт – зошто луѓето кои сакаат да вложат свои средства, многу брзо креваат раце и бегаат од македонскиот фудбал.
Лошиот систем го брка капиталот
На прашањето дали во Македонија воопшто постојат луѓе кои му мислат добро на фудбалот и се подготвени финансиски да го поддржат, Михаилов потврди дека интерес има, но реалноста на теренот е демотивирачка. Хаотичната организација и нездравата средина ги тераат вистинските инвеститори брзо да ги спакуваат куферите.
„Многу луѓе сакаат да инвестираат, даваат, меѓутоа едноставно, имајќи во предвид како се одвиваат работите тука, тие се повлекуваат и ја бараат својата среќа во други средини, во други спортови или ги насочуваат парите на некое друго место,“ појаснува Михаилов во студиото на 4ТВ.
Без јасна правна и спортска регулатива, инвестирањето во фудбалот кај нас често се претвора во фрлање пари во бунар, наместо во долгорочен проект.
Илузијата на инстант успехот и „ад хок“ вложувањата
Оние спонзори кои сепак решаваат да влезат во македонските фудбалски клубови, најчесто ја прават истата кобна грешка – бараат инстант резултати преку ноќ, инвестирајќи исклучиво во сениорскиот тим, додека ги игнорираат младинските категории кои се крвотокот на секој клуб.
„Сите тие што доаѓаат, условно кажано, како спонзори во клубовите, тие гледаат ‘ад хок’ само за првата екипа. А првата екипа, ако немаш позадина, младинска екипа, ако немаш школа за да ја надополнуваш, подобро не влегувај,“ дециден е македонскиот стратег.
Овој пристап создава клубови со краток рок на траење. Кога спонзорот ќе се засити или ќе ги потроши средствата, првиот тим се распаѓа, а бидејќи нема младинска школа што ќе го пополни празниот простор, клубот доживува колапс.
Потреба од строги критериуми за преземање на клубовите
За да се стави крај на ваквите појави каде клубовите служат како минлива авантура, Михаилов предлага системско решавање на прашањето за тоа кој смее, а кој не смее да управува со еден фудбалски колектив.
„Проблемот што го гледам кај нас е што не можете да дозволите на било кој да го преземе клубот. Мора при преземање на тој клуб да се направи една стратегија, да се види развој, што, каде… Мора да се стават некои темели за да знаеме од каде ќе почнеме. Базата да ни биде младинскиот фудбал,“ порачува Михаилов.
Фудбалскиот клуб не е играчка. За да се врати довербата на вистинските бизнисмени и вложувачи, македонскиот фудбал мора да понуди системска стабилност, јасни правила на игра и задолжителен стратегиски фокус кон иднината, кој започнува токму од децата и инфраструктурата.



