Врие во Португалија, причина е Роналдо, стигна и порака – Сега е време за заминување!

Ремито на Португалија против ДР Конго на отворањето на Светското првенство предизвика вистинска бура во земјата, а наместо играта и резултатот, главна тема стана Кристијано Роналдо.
По разочарувачките 1:1 против африканската селекција, португалската јавност се подели околу прашањето дали легендарниот напаѓач и понатаму треба да има загарантирано место во почетниот состав на репрезентацијата.
Додека дел од стручната јавност смета дека селекторот Роберто Мартинез погрешил што на 41-годишниот Роналдо му дал целосна минутажа, најжестоките навивачи отидоа чекор понатаму и ги обвинија неговите соиграчи дека свесно го игнорирале капитенот на теренот.
На удар Бруно Фернандеш, Витиња и Жоао Невеш
Особено бурни реакции следуваа на социјалните мрежи, каде што мета на критики беа Бруно Фернандеш, Витиња, Педро Нето и Жоао Невеш.
Бројни навивачи тврдат дека португалскиот среден ред не го барал доволно Роналдо во опасните ситуации и дека репрезентацијата свесно го занемарувала својот најдобар стрелец.
Дополнително масло на огнот долеаја тврдењата дека Жоао Невеш наводно изјавил дека Роналдо денес е „само уште еден играч во тимот“, иако за таквите наводи нема официјална потврда.
„Не верувам во бојкот, но проблемот постои“
Витор Пинто, заменик-директор на угледниот португалски весник „Рекорд“, предупреди дека во земјата се создава опасна атмосфера.
„Ова покажува колку е опасна ситуацијата во која секоја критика кон Кристијано Роналдо предизвикува екстремни реакции. Се создава непотребна поларизација меѓу навивачите“, изјави Пинто.
Сепак, тој ги отфрли тврдењата за организиран бојкот.
„Не верувам дека постоел каков било план Роналдо да биде игнориран. Тоа се измислици. Меѓутоа, јасно е дека Португалија не пронајде начин квалитетно да ја поврзе својата игра со централниот напаѓач и да ги искористи неговите карактеристики“, додаде тој.
Медиумите бараат крај на една ера
Дека расположението во Португалија се менува покажува и текстот на угледниот весник „А Бола“, кој привлече огромно внимание.
Колумнистот Нуно Сараива објави коментар со наслов:
„Ти благодариме за сè, Кристијано. Сега е време за заминување!“
Во текстот се наведува дека Роналдо одбележал една ера во португалскиот фудбал, но и дека дошло време новата генерација играчи да ја преземе главната улога во репрезентацијата.



