Втора плата покрај официјалната и луксузна вила во Мајами. Истражувањата откриваат нови скандали на Инфантино

Втора плата покрај официјалната, непријавени бонуси и луксузна вила крај море во Мајами. Истражувањето на „Тајмс“ поставува прашања за финансиската транспарентност на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Според британскиот весник, во 2024 година Инфантино добил над 1.6 милиони евра дополнително од американската компанија задолжена за организација на Светското првенство 2026, покрај 4.57 милиони евра пријавени од ФИФА во годишниот извештај.
Според изворите на весникот, слични, можеби и повисоки исплати се направени и во 2025 и 2026 година. Член 43 од статутот на ФИФА предвидува објавување на индивидуалните бонуси на претседателот, членовите на советот и генералниот секретар.
Мигел Мадуро, поранешен претседател на комитетот за управување на ФИФА, го окарактеризира ова како „јасно кршење“ на правилата и побара независна истрага. „Претседателот треба добро да биде платен, но тоа треба да биде транспарентно“, изјави тој за „Тајмс“.
Дел од профитите може да се поврзат со живеалиштето на Инфантино во Мајами, каде што имал на располагање вила во ексклузивната област „Сансет Ајлендс“. Според претставник на сопственикот, Инфантино плаќал кирија по пазарни цени три години и повеќе не живее таму.
ФИФА тврди дека бонусите се пријавени на американските власти, но не објаснува зошто дополнителните суми недостигаат во годишниот извештај. Инфантино планира повторно да се кандидира; рокот за кандидатури завршува на 18 ноември.



