SportM
Фудбал

Заврши ерата на Дидие Дешамп, почнува на Зинедин Зидан!

Редакција15 јул 2026
Заврши ерата на Дидие Дешамп, почнува на Зинедин Зидан!

По 14 години на кормилото на француската репрезентација и бројните успеси, легендарниот Дидие Дешамп се простува од клупата на Триколорите.

Дешамп уште во јануари најави дека Светското првенство 2026 ќе му биде последното натпреварување, а неговата голема ера официјално завршува со натпреварот за третото место, откако Франција во полуфиналето беше поразена од Шпанија (2:0).

Негов наследник на клупата ќе биде уште еден легендарен Французин – Зинедин Зидан.

Дешамп влезе во историјата и како апсолутен владетел на светските првенства. Оствари дури 21 победа како селектор на светските првенства, што е најмногу во историјата на фудбалот.

На ова првенство тој го надмина легендарниот Хелмут Шен (25) и стана селектор со најмногу водени натпревари на Мундијалите, а по претстојниот натпревар за бронза ќе има вкупно 27.

Како селектор на Франција, на 186 натпревари оствари 122 победи, 32 нерешени резултати и 32 порази, а го освои Светското првенство во 2018 година и Лигата на нации во 2021 година, како и сребрени медали на Светското првенство во 2022 година и Европското првенство во 2016 година, а ќе видиме дали ќе стигне до бронзата на овогодинешното Светско првенство.

Наследникот на Дешамп, Зидан, во тренерската кариера го водеше Реал Мадрид во два наврати и освои вкупно три Лиги на шампиони. Од 2021 година е на пауза и секогаш јасно истакнуваше дека тренерската кариера единствено ќе ја продолжи на клупата на Франција.

Конечно ја дочека својата можност, а ќе видиме дали ќе може да продолжи да чекори по стапките на Дешамп.

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.