Други спортови
Албанската федерација суспендира одбојкарка, мислат дека е машко! (ВИДЕО)
Албанската одбојкарска федерација ја суспендираше 32-годишната Бразилка Најара Фереира и побара од неа да направи тестирање за да докаже дека е од женски пол.
До суспензијата дојде откако клубовите Влазнија и Поградец изнеле тврдења дека членката на екипата Динамо, која моментално се наоѓа на второто место во првенството, „може да е машко“ или дека „користи хормонска терапија за подобрување на играта“.
Федерацијата нареди тестирањето да се изврши на 15 октомври, но бразилската одбојкарка го одби тоа. Наместо тоа, таа самата прифатила да се тестира во друга клиника, а резултатите треба да бидат познати во следните неколку дена.
🇧🇷🏐 Brazilian player Nayara Ferreira was suspended after her gender was questioned.
🇦🇱 The Albanian Volleyball Federation subjected her to a gender test after complaints from a rival team.
Ferreira, who's played in women's leagues for years, tells DW she's baffled and broken. pic.twitter.com/xUFeLVm7um
— DW Sports (@dw_sports) November 4, 2025
Фереира емоционално реагирала на целата ситуација, изјавувајќи:
„Се чувствувам како да ми се урна целиот свет. Никој никогаш не го довел во прашање мојот пол. Не ми е јасно зошто го прават ова.“
Таа откри дека повеќе не се чувствува безбедно откако обвинувањата излегоа во јавноста:
„Повеќе не се чувствувам безбедно. Кога одам по улица, мислам дека нешто лошо ќе ми се случи.“
Пред да пристигне во Албанија, Фереира настапувала во Саудиска Арабија, Шпанија, Чешка, Португалија и Финска.
Бразилката ја има целосната поддршка од своите соиграчки и тренерот на Динамо, кои стравуваат дека целата ситуација може да влијае врз нивните шампионски амбиции.
„Ситуацијата е сериозна. Фереира ја има мојата и поддршката на соиграчките. Ние нашето го покажуваме на теренот, не сакаме да се занимаваме со озборувања,“ изјави тренерот на Динамо, Орландо Која.