SportM
Фудбал

Аргентина со посебно барање до ФИФА пред мечот со Англија, доби дозвола!

Редакција14 јул 2026
Аргентина со посебно барање до ФИФА пред мечот со Англија, доби дозвола!

ФИФА одобри посебно барање на фудбалската репрезентација на Аргентина пред полуфиналниот натпревар на Светското првенство против Англија, кој се игра во среда.

Актуелните светски шампиони побараа дозвола против големиот ривал да настапат во темносината гарнитура дресови, наместо во препознатливите светлосини и бели пруги, а светската фудбалска куќа даде зелено светло.

Според информациите на аргентинскиот новинар Гастон Едул, зад ова барање пред сè стои суеверието. Имено, Аргентина своите две најпознати победи над Англија на светските првенства ги оствари токму во темносини дресови.

Првиот пат тоа беше во четвртфиналето на Мундијалот во 1986 година, кога Диего Марадона постигна легендарни голови, додека Гаучосите вторпат ја елиминираа Англија во 1998 година по изведување пенали.

Дресот на Марадона со број 10 од натпреварот на стадионот „Ацтека“ подоцна стана еден од најскапите спортски сувенири во историјата, откако во 2022 година беше продаден на аукција за повеќе од 7,1 милиони фунти.

ФИФА во официјален документ за боите на опремата потврди дека Аргентина против Англија ќе настапи во темносини дресови со црни шорцеви и чорапи.

Англија ќе игра во својата традиционална бела гарнитура, додека голманот Џордан Пикфорд ќе биде во жолта опрема. Од другата страна, Емилијано Мартинез ќе го брани голот на Аргентина во темнозелен дрес.

Посебен мотив за Аргентинците ќе биде и фактот дека Лионел Меси за првпат во својата богата репрезентативна кариера ќе игра против Англија.

Победникот од ова полуфинале ќе обезбеди пласман во финалето на Светското првенство, каде ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Франција и Шпанија.

Аргентина ќе се обиде да стигне до своето седмо финале на Мундијалите, додека Англија го сонува првото финале уште од 1966 година.

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.