Атлетико собра најмногу награди, една доби и Меси

Шпанскиот спортски весник од Мадрид, „Марка“ ги избра најдобрите во Ла Лига минатата сезона.
„Марка“ традиционално ги избира најдобрите играчи во Ла Лига, а овој пат најмногу награди доби Атлетико Мадрид, актуелниот шампион на Шпанија.
Јан Облак повторно е избран за најдобар голман во шпанското првенство, а ова е петто вакво признание за словенечкиот репрезентативец. Луис Суарез беше прогласен за најдобар играч во Ла Лига минатата сезона, а Диего Симеоне по трет пат во кариерата за најдобар тренер.
Наградата за најдобар стрелец му припадна на поранешниот играч на Барселона, Лионел Меси, кој оваа награда ја има освоено осум пати во кариерата.
Тој минатата сезона во шпанското првенство постигна 30 гола на 35 натпревари во дресот на Барселона, но тоа на Каталонците не им беше доволно на крајот за титулата.
Интересно, за екипата на Реал Мадрид немаше признанија.



