Азар: „Ова е можеби последната шанса на оваа генерација“

Капитенот на Белгија Еден Азар денеска изјави дека Светското првенство во Катар „можеби е последната шанса за оваа генерација да освои нешто“.
„Бевме на врвот на формата во 2018 година. Сега играм помалку, Ромелу Лукаку е повреден, одбраната е малку постара, но тука сме да покажеме дека луѓето можат да сметаат на Белгија “, рече 31-годишниот Азар на прес-конференција.
„Можно е за неколку играчи ова да биде последно натпреварување. Мораме да дадеме се од себе“ , додаде тој.
Капитенот на третопласираната селекција од последното Светско првенство игра помалку во Реал Мадрид и е свесен дека, како што изјави, луѓето се сомневаат.
„Разбирам дека луѓето се сомневаат, но на мене е да докажам дека грешат“, рече Азар.
Со оглед на тоа дека неговата ситуација во Реал е тешка, каде тренерот Карло Анчелоти ретко го користи, Белгиецот не ја затвора вратата за трансфер во зима.
„Не сакам да го напуштам Мадрид, но можеби тоа нема да биде само моја одлука“, рече Азар.
Во првото коло на Светското првенство во Катар, Белгија ќе игра против Канада (23 ноември), потоа против Мароко (27 ноември) и на крајот против Хрватска (1 декември).



