Бајевски со критика до ФИФА: Проширениот систем го „убива“ квалитетот, фудбалерите се преморени!

Новиот, проширен систем на Светското првенство кој овозможува учество на поголем број репрезентации, продолжува да предизвикува сериозни дебати во фудбалскиот свет. Своето незадоволство од ваквиот правец во кој се движи најважниот спореден детал во светот јавно го изрази и познатото македонско фудбалско име, Александар Бајевски.
Во своето гостување во емисијата „Мундокаст“ на 4ТВ, Бајевски отворено упати критики до челниците на светскиот фудбал, констатирајќи дека квантитетот почнал сериозно да го загрозува квалитетот на големите натпреварувања.
„Искрено, мене не ми се допаѓа ова Светско првенство со толку многу репрезентации. Моето мислење е дека овој систем не е добар за фудбалот. Квалитетот и подготвеноста на играчите се ставени на заден план, а сè е подредено на реклами и бизнис“, дециден е Бајевски.
Без време за одмор и регенерација
Како главен проблем на новиот формат, Бајевски го посочува нехуманиот и пренатрупан календар кој буквално ги исцрпува фудбалерите. Поради згуснатиот распоред на натпреварите, елитните играчи се соочуваат со екстремен физички напор.
„Натпреварувањата завршуваат многу доцна. Играчите се преморени и едноставно немаат време за квалитетен одмор пред почетокот на новите клупски сезони. Тоа директно ќе се одрази врз нивната форма, но и врз зголемувањето на ризикот од сериозни повреди“, предупредува поранешниот напаѓач.
Паузите за хидратација се воведени само за реклами
Покрај бројот на учесници, Бајевски се осврна и на некои од поновите правила на теренот, како што се задолжителните паузи за хидратација во текот на полувремињата. Според него, овие прекини имаат чисто комерцијална позадина, иако имаат и тактичко влијание врз играта.
„Тие ‘тајм-аути’ се повеќе направени за реклами. Од фудбалски аспект, тие им одат во прилог на послабите репрезентации кои главно се бранат, бидејќи им овозможуваат да ги наполнат батериите. Од друга страна, екипата која е во налет и има моментум, со таа пауза го губи ритамот“, објаснува тој.
На крајот, Бајевски заклучува дека со оглед на тоа што фудбалот денес се гледа исклучиво низ призмата на парите, во завршната фаза од овој Мундијал ќе профитираат само оние селекции кои имаат „долга клупа“ и доволно свежина кај играчите кои можат да го издржат ваквиот напорен ритам.



