Барселона и Ајакс се договорија за трансферот на Матијас де Лихт

Сагата околу холандскиот дефанзивец Матијас де Лихт продолжува, бидејќи сè уште не е познато каде да ја продолжи кариерата.
Речиси е сигурно дека Де Лихт по одличната сезона ќе го напушти Ајакс ова лето. Овој 19-годишен стопер освои двојна круна со холандскиот клуб и дури стигна до капитенската лента.
Пред неколку недели се чинеше дека немаше дилема за неговата иднина и дека сигурно ќе потпише за Барселона, но потоа ПСЖ, Манчестер Јунајтед, Јувентус и Баерн почнаа да се борат за него.
Де Лихт призна дека сè уште не ја донесе конечната одлука и дека сега е најважно за него да оди на одмор по долга сезона. Но, јасно е дека одлуката ќе треба да се донесе во следните неколку недели.
Сепак, шпанските медиуми денеска објавија дека Ајакс и Барселона постигнале договор за трансфер и дека сега капитенот на холандскиот клуб ја чека понудата на Каталонците.
Според „Каталуња Радио“ Барса и Ајакс се договорија за исплата од 75 милиони евра, а конечната потврда треба да биде на почетокот на следниот месец. Сепак, Де Лихт може да се предомисли ако не се согласи со Барселона или добива подобри услови во друг клуб.



