Бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар по секоја цена сака да докаже дека заслужува повик во репрезентацијата за Светското првенство, па секоја минута на теренот во дресот на Сантос му е исклучително важна. Но, поради бизарна грешка на судијата, мораше да го напушти натпреварот против Коритиба.
Сантос, кој се бори за опстанок во бразилското првенство, во 65. минута губеше на домашен терен од Коритиба со 3:0, а на Нејмар му се укажуваше лекарска помош покрај аут-линијата.
Кога од главниот судија Пауло Зановели доби сигнал дека може да се врати во игра, Нејмар зачекори на теренот, но арбитерот веднаш му покажа дека мора повторно да излезе.
Имено, четвртиот судија Бруно Мота во тој момент ја крена таблата за измена, а на неа со црвена боја беше испишан бројот 10 на Нејмар.
Судијата Зановели му нареди на Нејмар да го напушти теренот за во игра да влезе Робињо, по што настана вистински хаос покрај аут-линијата.
Нејмар му го зеде ливчето од рацете на четвртиот судија, на кое беше наведено дека од игра излегува фудбалерот со број 31, Гонзало Ескобар, а не Нејмар.
Нејмар дури и го покажа тоа ливче пред камерите за јавноста да види дека е во право, но ни тоа не помогна. Дополнително, и покрај неправдата што му беше нанесена, судијата Зановели му покажа и жолт картон.