Фудбал
Бојан Миовски: Белгија е топ репрезентација, но ние докажавме дека играме како тим

Македонската А репрезентација со полн состав се подготвува за претстојните натпревари од квалификациите за СП 2026 против Белгија (10. октомври, Гент) и Казахстан (13. октомври, Скопје). Напаѓачот на Глазгов Ренџерс, Бојан Миовски смета дека овие натпревари се едни од најважните во поновата репрезентативна историја.
„Знаеме против каква репрезентација играме. Веќе сме во последната фаза на квалификациите, а досега покажавме дека знаеме да играме фудбал и затоа се наоѓаме во ваква ситуација. Први сме моментално во групата, имаме гол разлика единаесет два. Ако некој не запрашал претходно дали сакаме да се најдеме во ваква ситуација пред квалификациите, нормално дека бевме задоволни, но работата се уште не е завршена. Знаеме дека не само овој, туку и последните два натпревари против Казахстан и против Велс се едни од најбитните во поновата репрезентативна историја.
Првиот натпревар е против Белгија, а знаеме против каков противник играме. Свесни сме за нивните силни, но и слаби страни. Имаме доста поддршка од навивачите, знаеме дека ќе бидат во голем број, така што мислам дека ќе гледаат одличен фудбал. Белгија е одлична репрезентација, каде што деветдесет отсто од играчите играат во топ петте лиги. Но ние играме како тим, го докажавме тоа“.