Чаби Алонсо останува на кормилото на Баер Леверкузен

Чаби Алонсо ќе остане тренер на Баер Леверкузен и на крајот на сезоната и покрај интересот на водечките европски клубови, меѓу кои Реал Мадрид и Тотенхем, изјави спортскиот директор на „асирџиите“ Симон Ролфес.
Пред заминувањето на тимот за првиот натпревар од полуфиналето на Лига Европа против Рома во четврток, Ролфес изјави дека „секогаш има гласини“, но дека клубот е „многу мирен“ на оваа тема.
„Тој има договор, па ние сме мирни. И во моментов разговараме за тоа како можеме да го подобриме тимот за следната година“, рече Ролфес.
Поранешниот играч на Ливерпул, Баерн и Реал, Алонсо од минатата есен е на клупата на Леверкузен со кого има договор до 2024 година. Тој го извади Баер од опасната зона и го одведе до шестото место и до полуфиналето на Лигата на Европа, каде ќе се соочи со својот поранешен тренер во Мадрид, Жозе Мурињо, сега тренер на Рома.
Ролфес изјави дека досега немало разговори за продолжување на договорот со Алонсо, за да се концентрира на последните недели од сезоната.
„Најпрво сакаме да ја завршиме сезоната и да се обидеме да го извлечеме максимумот од неа. Потоа следува долга летна пауза, во која можете да се справите со ваквите проблеми“, изјави Ролфес.
Реал Мадрид, Тотенхем и Вест Хем се меѓу клубовите заинтересирани за Алонсо, кој со шпанската репрезентација освои две европски титули и едно Светско првенство, како и Лигата на шампионите со Ливерпул и Реал Мадрид. Баер (Леверкузен) му е прва работа како тренер.



