Членка на Хапоел славеше со израелско знаме на „Маракана“, навивачите ја гаѓаа со шишиња (ВИДЕО)

Црвена звезда доживеа тежок пораз на „Маракана“, каде што Хапоел Бер Шева славеше со 2:0 и со вкупен резултат 3:0 го елиминираше српскиот шампион од квалификациите за Лигата на шампионите.
Со тоа, за Дејан Станковиќ уште еднаш заврши сонот за пласман во елитното европско натпреварување, а црвено-белите европскиот пат ќе мора да го продолжат во друго натпреварување.
Гостите од Израел пристигнаа во Белград со голема доза самодоверба, што беше видливо уште од самиот почеток на натпреварот. По последниот судиски свиреж следуваше големо славје на гостинската екипа.
Сепак, дел од членовите на експедицијата на Хапоел отидоа чекор понатаму. Посебно внимание привлече членка на стручниот штаб на израелскиот клуб, која за време на прославата разви израелско знаме и со него тргна преку теренот на „Маракана“ кон тунелот кој води до соблекувалните, а кој се наоѓа под северната трибина.
Во еден момент таа пристигна и до просторот пред тунелот, каде што повторно го рашири знамето, токму во моментот кога свирежите од трибините беа најгласни.
Таквиот потег предизвика бурна реакција од трибините. Според достапните снимки, од трибините кон неа почнале да летаат различни предмети, меѓу кои пластични шишиња со вода, но и пиротехнички средства.
Ситуацијата за кратко време дополнително ескалираше, а инцидентот го засени дел од славјето на израелската екипа по големата победа на „Маракана“.
Црвена звезда сега мора што побрзо да го заборави тешкиот пораз и да се насочи кон продолжението на европската сезона, бидејќи натпреварувањето ќе го продолжи во Лигата на Европа против Викторија Плзењ. Хапоел Бер Шева, пак, по големиот триумф во Белград, ќе го продолжи патот кон Лигата на шампионите, каде што го очекува дуел со азербејџански Сабах.



