Дали ќе го исполни ветувањето? Бартомеу најде начин да го смири Лионел Меси

Бурниот период во Барселона сè уште не помина, бидејќи е јасно дека Лионел Меси не е задоволен од раководството на клубот.

Меси јавно го критикуваше Ерик Абидал, кој претходно изјави дека некои играчи на Барселона побарале да биде отпуштен Ернесто Валверде. Потоа, Меси се огласи на Инстаграм и го повика Абидал, барајќи од него јавно да ги именува играчите.

Потегот на аргентинскиот играч јасно стави до знаење дека ситуацијата во Барселона не е баш добра и најлош исход за клубот беше тоа што Меси беше незадоволен.

Веднаш се шпекулираше дека Меси ќе ја напушти Барселона на крајот на сезоната и дека има неверојатна клаузула во неговиот договор, а тоа е дека може да замине без надомест, што би претставувало трагедија за Каталонците.

Но, Жосеп Марија Бартомеу сега се фокусираше на враќање на довербата на Меси. „Мундо Депортиво“ пишува дека претседателот на Барса сака да го израдува Меси, и дека ветил дека ќе го врати Нејмар од ПСЖ на крајот на сезоната.

Меси и Нејмар се одлични пријатели, а Аргентинецот сакаше да го вратат од ПСЖ пред да започне сезоната. Барса тогаш се обиде да го донесе, но ПСЖ не сакаше да го продаде, иако Нејмар исто така јавно кажа дека сака да се врати во каталонскиот клуб.

Овој пат Бартомеу е свесен дека носењето на Нејмар целосно ќе го смири Меси, а во тој случај тој повторно ќе ја има целосната поддршка од капитенот на клубот.