Дембеле успешно опериран, но објавата на Барселона ги разочара навивачите

Францускиот фудбалер Усман Дембеле минатата недела го напушти таборот на француската репрезентација поради повреда.
Дембеле се повреди на мечот со Унгарија во групната фаза, а на прв поглед се чинеше дека не станува збор за сериозна повреда.
Сепак, откако Дембеле направи дополнителни прегледи, медицинскиот тим му соопшти лоши вести. Овој офанзивен играч повторно се здоби со повреда на грбот и повеќе нема да го гледаме на Европското првенство.
Но, тоа не беше крајот на лошите вести за Дембеле. Набргу потоа, беше потврдено дека повредата е од посериозна природа, и дека францускиот репрезентативец мора да биде опериран.
Ова значи дека Дембеле ќе го пропушти почетокот на сезоната со Барселона, но каталонскиот клуб се надеваше дека заздравувањето нема да трае толку долго.
Сепак, Барселона исто така дозна лоши вести денес и објави на официјалната веб-страница дека Дембеле очекува подолго закрепнување и дека ќе биде во полн ек за само четири месеци.
Дембеле денес беше успешно опериран од д-р Ласе Лемпаинен, Финска, и беше придружуван од членови на медицинскиот тим на Барселона.
По завршувањето на операцијата, каталонскиот клуб објави дека Дембеле ќе биде надвор од терените четири месеци, што е голем удар за него и Барса.
[COMUNICAT MÈDIC❗]@Dembouz, intervingut satisfactòriament. El temps de baixa aproximat és de 4 mesos
Consulta tots els detalls 👉 https://t.co/aWyI05jd9F pic.twitter.com/UcJmAxT3Ls
— FC Barcelona (@FCBarcelona_cat) June 28, 2021
Дембеле пристигна во Барса пред четири години за дури 140 милиони евра од Дортмунд како големо засилување, но после тоа започнаа големи проблеми со повредите и тој сепак не ги оправда очекувањата.
Неговиот договор со Барселона важи уште една година и клубот беше подготвен да ја продолжи соработката. Се шпекулираше и за неговото заминување, но по повредата тешко е да се очекува некој да го купи.



