Златан Ибрахимовиќ во моментов е еден од најподготвените играчи во светот, иако има 39 години.
Шведскиот ветеран зимата се врати во Италија и е брилијантен во дресот на Милан од недела во недела. Тој веќе постигна седум погодоци во Серија А, ја затресе мрежата двапати во Лигата на Европа и не е нормално како човек во 39-та година може да игра така на секои три или четири дена, со малку одмор.
Кога Стефано Пиоли го замени вчера на дуелот против Лил, Ибрахимовиќ беше видно лут и разочаран. Тој е едноставно толку подготвен што сака да игра 90 минути на скоро секој натпревар.
И неговиот агент Мино Раиола сега раскажа како лекарите во САД, каде што Ибра играше за Лос Анџелес Галакси, беа зачудени кога ги видоа неговите колена.
“Тој успеа да ги сруши сите предвидувања и да игра фудбал во рекордно време по сериозната повреда. Лекарите од американскиот универзитет не можат да поверуваат. Има колено како да не играл фудбал 20 години. Лекарите рекоа дека никогаш не виделе такво нешто и го молат Златан да си замине на прегледи на крајот од неговата кариера за понатамошно испитување на него и неговото тело “, рече Раиола.