Connect with us

Фудбал

Драма во домот на фудбалерот на Челзи: Зел нож и им се спротивставил на крадците, спречувајќи кражба

Англискиот фудбалер Рахим Стерлинг минатата сабота доживеал голема непријатност во својот дом, во кој провалиле крадци.

Како што објави Sports Illustrated, Стерлинг со семејството се подготвувал да го гледа натпреварот на неговиот Челзи против Вулвс во Премиер лигата, кога слушнал звуци на влезната врата од куќата.

Портпаролот на лондонската полиција во изјава објавена преку The Telegraph рекол: „Можеме да потврдиме дека Рахим Стерлинг беше жртва на грабеж во домот овој викенд. Исто така можеме да потврдиме дека тој и неговите деца биле присутни дома во тој момент.“

Британските медиуми известуваат дека Стерлинг им се спротивставил на крадците така што зел кујнски нож и успеал да ги истера од куќата, без да се украде нешто вредно.

„Иако станува збор за крајно кршење на приватноста и безбедноста, благодарни сме што можеме да потврдиме дека тој и неговите најблиски се безбедни. Ве молиме да се почитува приватноста на Рахим и неговите најблиски во овој тежок момент“, додаваат од полицијата.

Во Челзи се запознаени со инцидентот и му даваат поддршка на 30-годишниот играч, неговата долгорочна партнерка и нивното четиричлено семејство – едно од децата од претходна врска.

На теренот, иако е втор најплатен играч во тимот, Стерлинг во моментот не е дел од плановите на Челзи за првиот тим. Исклучен е од составот на Плавците од 25 играчи за Премиер лигата, оваа сезона не учествувал во ниту едно натпреварување и не изгледа дека има иднина на Стемфорд Бриџ, иако неговиот договор трае до 2027 година.