ЕКСКЛУЗИВНО ЗА „МУНДОКАСТ“: Тренерот на Лина Ѓорческа ги открива деталите пред историскиот настап на Вимблдон!

Македонската тениска гордост Лина Ѓорческа е целосно подготвена за својот дебитантски настап во главниот ждреб на најпрестижниот светски турнир, Вимблдон. По историскиот успех и огромната еуфорија која ја зафати македонската спортска јавност, од тимот на Лина порачуваат дека фокусот е веќе ставен исклучиво на теренот.
Во ексклузивно вклучување директно од Лондон за емисијата „Мундокаст“, тренерот на нашата најдобра тенисерка ја пренесе атмосферата од британската престолнина и откри како течат подготовките пред утрешниот дуел (вторник, 13:00 часот) против Американката Аманда Анисимова.
„Мислам дека еуфоријата повеќе се чувствува таму во Македонија, во сите медиуми и портали. Кај нас тој прв бран на емоции по пласманот во главниот турнир веќе помина. Влезени сме во нормален тренажен процес и подготовки за мечот кој следи. Лина се чувствува одлично, здравствено е сè супер и сè е подредено на тој настап“, изјави тренерот ексклузивно за „Мундокаст“.
Запрашан за условите на еден ваков грандиозен турнир, тој истакна дека иако не располагаат со огромните тимови какви што имаат врвните ѕвезди, ги користат сите ресурси што ги нуди турнирот за максимална подготовка и рекуперација.
Противничка на Ѓорческа во првото коло е Анисимова, тенисерка која има сериозно искуство на големата сцена. Сепак, од македонскиот табор порачуваат дека страв нема.
„Нема потреба да се трошат премногу зборови за играч кој минатата година играше завршници на Вимблдон и УС Опен. Меѓутоа, ние пристапуваме како и на секој друг меч. Тактиката ќе биде подготвена, а Лина ќе се обиде да го одигра тоа што најдобро го знае. Убеден сум дека ќе го даде својот максимум. Целта е да се одигра добар меч, па зошто да не се направи и изненадување? Ова е прво коло за Анисимова, додека Лина веќе има три меча зад себе овде и е подобро навикната на условите“, анализира нејзиниот тренер.
Според него, најважно е што товарот на очекувањата не е на нивна страна.
„На крајот од денот, притисок не треба да има. Лина нè стави на светската тениска мапа, сите сме зад неа, па нека му ја мисли Анисимова“, самоуверено порача тој.
За крај на разговорот во „Мундокаст“, беше испратена и силна порака до македонската јавност за тоа како треба да се вреднуваат и поддржуваат спортистите.
„Поддршката од најблискиот круг на луѓе е секогаш тука. Сите сакаме да се гордееме со овие успеси, да се сликаме и да ги тапкаме спортистите по рамо кога ќе успеат. Меѓутоа, клучното е да бидеме тука за нив додека го градат својот пат до тој успех, бидејќи тој успех не е само нивен личен, туку е и наш, како држава“, заклучи тренерот на Ѓорческа.
Дуелот меѓу Лина Ѓорческа и Аманда Анисимова е закажан за во вторник, со почеток во 13:00 часот по македонско време. Цела нација останува во исчекување на уште еден тениски подвиг!



