ФИФА успешно евакуираше друга група спортисти од Авганистан

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) во четвртокот објави дека уште една група од 57 авганистански спортисти, претежно млади фудбалери, е евакуирана од Авганистан во Катар, откако преговорите беа успешно завршени.
Минатата недела ФИФА објави дека заедно со катарската влада помогнала да се евакуираат речиси 100 фудбалери и нивните семејства од Авганистан во Катар.
„Ги повикувам сите наши пријатели во владите и целата фудбалска заедница да ни помогнат да добиеме дозволи за престој и визи за сите евакуирани, за да можеме да започнеме нов живот во безбедни услови“, објави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан на 15 август, следеа масовни евакуации од таа земја. На почетокот на овој месец, ФИФА и Меѓународната велосипедска унија (UCI) организираа евакуација на 165 бегалци низ Албанија, додека Австралија евакуираше повеќе од 50 авганистански спортисти.



