Флик ја остава неизвесна иднината на двајца од стартерите: Треба да почекаме…

Пред првиот натпревар од оваа сезона во Ла Лига, тој на гостувањето против Елче, тренерот на Барселона, Ханси Флик, не можеше да избега од прашањата за играчите кои можат да го напуштат клубот до 1 септември, последниот рок на трансфер пазарот.
Флик јасно ја објасни ситуацијата со играчите кои може да го напуштат клубот, особено Жил Кунде и Алехандро Балде, чии имиња често беа споменувани во текот на овој трансфер период. Сепак, германскиот тренер рече дека треба да почекаме до крајот.
„Тоа е ситуација во која правиме многу промени. Треба да почекаме до крајот на трансфер периодот. Нормално е да има заминувања кога одлучуваш дека сакаш нови играчи и размислуваш како да го направиш тимот посилен“, рече Флик.
Германскиот тренер одговори и на прашањето дали се потпира на Алехандро Балде и како го гледа во овие први недели.
„Тоа е тешко прашање. Балде има извонредни квалитети и за мене, тоа што го кажав претходно е важно: треба да веруваш за да се бориш за своето место. Сакам да го видам тоа од сите играчи“, додаде Флик.



