„Гвардиола е кандидат кога и да останеме без тренер“

Претседателот на Барселона, Џозеф Марија Бартомеу, отворено рече дека се надева оти еден ден Пеп Гвардиола ќе се врати на „Камп Ноу“.
Со тоа што беше тренер во минатото, Гвардиола во каталонскиот клуб остави голема трага. Во тој период, Барселона освои 14 трофеи, вклучувајќи и две Лига на шампиони, и поради сето она што го направи, тој е добредојден во Барселона секогаш кога клупата е празна.
Истото беше потврдено и од Барселонскиот претседател Џозеф Марија Бартомеу.
„Гвардиола секогаш ќе биде еден од главните кандидати за тренер, секогаш кога таа позиција е празна“, изјави Бартомеу за „ESPN“, додавајќи дека неговото враќање ќе биде одлично за сите, особено за играчите.
За враќање сонува и самиот Гвардиола, но во малку поинаква улога. Тој неодамна изјави дека сака да ја заврши својата тренерска кариера како што започна – во младинските екипи на Барселона.
Гвардиола беше тренер на првиот тим на Барселона од 2008 до 2012 година.



