Connect with us

Фудбал

Хари Мегваер: Шкотите не ја ни почитуваа нашата национална химна

Англискиот фудбалски репрезентативец Хари Мегваер денеска изјави дека може успешно да се справи со критиките поради неговите игри во Манчестер Јунајтед и репрезентацијата, пренесуваат британските медиуми.

Пред неколку дена Англија во пријателски натпревар ја победи Шкотска со 3:1, а Мегваер си постигна автогол. Потоа се најде на мета на навивачите на Шкотска.

„Поминав низ многу во последните неколку години. Бев капитен на Манчестер Јунајтед скоро четири години. Тоа е огромна одговорност и се што доаѓа со неа. Во тоа има многу добро и лошо“, изјави Мегваер за британски Експрес.

Тој призна дека очекувал навреди од навивачите на Шкотска.

„Ваквите работи го симнуваат притисокот од моите соиграчи, а целиот товар е на мене. Затоа играат подобро. Не можам да се пожалам на шкотските навивачи, но се е до третманот што го добивам во последно време. Знаевме дека навивачите на Шкотска ќе бидат непријателски настроени кон нас, бидејќи видовме како не ја почитуваат националната химна. „Не грижете се, можам да се справам со навредите“, рече Мегваер.

Мегваер оваа сезона одигра само еден натпревар за Манчестер Јунајтед и тоа против Арсенал. Минатата сезона во Премиер лигата одигра само 491 минута.

„Сакам да играм за Манчестер Јунајтед. Менаџерот Ерик тен Хаг одлучи да не играм. Сепак, имаме уште многу натпревари пред нас и сигурен сум дека ќе играм“, додаде играчот на Манчестер Јунајтед.

Мегваер призна дека имал понуда во летниот преоден рок кариерата да ја продолжи во Вест Хем.

„Не постигнавме договор, среќен сум што останувам во Манчестер Јунајтед. Приоритет е мојата клупска кариера, како и играњето во репрезентацијата на Англија“, заврши Мегваер.

Advertisement