Холандски репрезентативец обвинет за обид за убиство

Холандскиот фудбалер Квинси Промес (29) е обвинет за обид за убиство.
Според холандските медиуми, 29-годишниот офанзивец на Спартак од Москва ќе биде на суд поради наводниот обид за убиство на неговиот братучед, а обвинителството веќе покрена постапка против него.
Промес е обвинет за обид за убиство на роднина. Тој, наводно, бил избоден со нож по расправијата што ја имале, а во декември минатата година, фудбалерот мина неколку дена во затвор поради случајот.
Се разбира, Промес ги отфрли сите обвиненија во овој случај, но судењето нема да избега и тој може да се соочи со затворска казна во случај да биде прогласен за виновен.
Не е прецизирано колкава казна би можел да добие 29-годишниот фудбалер во овој случај, но продолжувањето на неговата фудбалска кариера е многу загрозено.
Квинси Промес моментално е член на Спартак Москва, каде се врати оваа сезона по четири години поминати во рускиот тим (2014-2018).
Покрај за Спартак, играше две сезони за Ајакс, една за Севиља и Гоу Ахед Иглс и три години за Твенте.
За холандската репрезентација имаше вкупно 50 настапи и постигна седум гола, но не настапи на претходните квалификации за Светското првенство во Катар.



