Хуан Мата кариерата ја продолжува во Истанбул

Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед, Хуан Мата во текот на денот ќе слета во Истанбул за да потпише за Галатасарај, пренесува Фабрицио Романо.
Италијанскиот новинар тврди дека играчот од средниот ред веќе ги договорил сите детали од соработката со челниците на турскиот клуб и дека сега му останува само да го исполни формалниот дел.
Мата ќе потпише едногодишен договор со Галатасарај, доаѓајќи во тимот веднаш по Мауро Икарди.
Шпанскиот фудбалер во клубот пристигнува како слободен играч бидејќи договорот со Манчестер Јунајтед му истекуваше на 1 јули. Тој пристигна на „Олд Трафорд“ во јануари 2014 година од Челзи за 44.000.000 евра и го носеше дресот на „црвените ѓаволи“ цели осум години.
Што се однесува до Галатасарај, тие во оваа сезона влегоа многу амбициозно и веќе донесоа седум играчи, меѓу кои Харис Сеферовиќ кој пристигна на позајмица од Бенфика и Дрис Мертенс кој во Турција пристигна од Наполи. Наскоро се очекува Икарди и Мата и официјално да се приклучат на тимот.



