Има се помалку време за одлука: Дембеле избира меѓу три клуба

Усман Дембеле се уште не го решил статусот во Барселона, а времето истекува.
Зимскиот преоден рок завршува на 31 јануари на полноќ, а Барселона има се помалку време да се обиде да најде решение кога е Дембеле во прашање.
Французинот искомплицира се бидејќи одби да го продолжи договорот со Барселона и целта му е на крајот на сезоната да го напушти клубот без обештетување, но не очекуваше дека ќе биде казнет поради тоа.
Имено, челниците на Барселона и тренерот Чави Ернандез одлучија Дембеле повеќе да не биде во конкуренција за натпреварите на овој тим и дека тоа може да се промени само доколку се продолжи договорот.
Бидејќи Дембеле не сака да го продолжи договорот, јасно му порачаа дека најдобро е да го напушти клубот до крајот на јануари или ќе остане на трибините до крајот на сезоната.
Дембеле и неговиот агент се обидуваат да најдат излез од оваа ситуација бидејќи тој не сака да седи на клупата, па решени се да ги разгледаат понудите на заинтересираните клубови.
Шпанските медиуми наведуваат дека англискиот премиерлигаш е најверојатната опција за Дембеле доколку сака да замине во јануари, а интерес за него покажале Манчестер Јунајтед, Њукасл и Челзи. Овие клубови наводно се во преговори со Барселона, која е подготвена да го пушти за 20 милиони евра, но Дембеле размислува за условите што му ги нудат и се чини дека не е баш задоволен.
Барселона е подготвена дури и да го испрати Дембеле на позајмица до крајот на сезоната само за да се ослободи од него. Се поврзуваше и со заминување во Манчестер Сити, но ништо од тоа нема да се случи.
Покрај англиските клубови, интерес покажа и ПСЖ, но се уште нема испратено конкретна понуда, па парижаните се надеваат дека Дембеле на лето ќе дојде без обештетување.
Времето за размислување и разгледување на понудите е се пократко, а во Барселона се надеваат дека Дембеле на крајот ќе си замине за да може да донесе уште едно засилување во нападот.



