Јуве тргнува во „лов“ на нов шпиц, идентификувани три „мети“

Италијанскиот „Тутуспорт“ шпекулира за желбата на Јувентус да донесе нов напаѓач во својата постава за следната сезона. Исто така, е воведена елиминаторна состојба во потрагата по нов шпиц – тој мора да биде под 30 години.
Новиот напаѓач првенствено би бил замена за Гонзало Игуаин, 32-годишник кој би можел многу брзо да го напушти стадионот „Алијанц“.
Наводно, „Старата дама“ веќе има лоцирано „мети“ за летниот трансфер период. Нов шпиц на Јувентус би можел да биде еден од овие тројца одлични фудбалери: Габриел Хесус, Тимо Вернер или Мауро Икарди.
Патем, Јувентус се обиде да го продаде Игуаин минатото лето, но искусниот Аргентинец (чиј договор со „Старата дама“ важи до 2021 година) го одби трансферот бидејќи сакаше повторно да работи со Маурицио Сари.
Бјанконерите се поврзуваа и со младиот Ерлинг Халанд во неодамнешното минато, но Норвежанецот ја отфрли можноста да дојде во Јувентус и ја избра Борусија Дортмунд.
Сега Јувентус повторно се поврзува со отфрлениот шпиц на Интер (моментално член на тимот на ПСЖ) Мауро Икарди. Јувентус, наводно, работи на трансфер изминатите неколку години што сè уште не се случило, но „Старата дама“ би можела повторно да го проба ова претстојното лето.
Од друга страна, тука е Тимо Вернер, напаѓач од Лајпциг, кој се поврзува со Ливерпул, но „Старата дама“ исто така многу би сакала да го види во своите редови, исто како Габриел Хесус, кој се повеќе е фрустриран од недостаток на минути во Манчестер Сити.



