Како ништо да не се случило, Тонали на терен против Вулверхемптон!?

Менаџерот на Њукасл, Еди Хау вели дека има добри шанси Сандро Тонали да игра на претстојниот натпревар против Вулверхемптон Вондерерс, и покрај тоа што доби 10-месечна забрана поради обложување.
Хау рече дека клубот е во „неизвесност“ бидејќи се уште чека потврда за суспензијата, објави Би-Би-Си.
Италијанската фудбалска федерација во четвртокот го казни Тонали со 10-месечна суспензија поради кршење на правилата за обложување.
„Ги слушнавме вестите, објавата, но досега не добивме ништо од италијанските власти. Мислам дека има големи шанси тој да ни биде на располагање. Има неколку работи што треба да се случат пред суспензијата да стапи на сила, ќе видиме“, рече тој.
Њукасл во сабота ќе игра на гости кај Вулверхемптон во Премиер лигата.
Суспензијата мора да биде одобрена од Европската фудбалска унија (УЕФА) и Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).
Тонали призна дека се обложил на натпревари на кои некогаш играл за Милан и Бреша.
Тонали се согласи на 18-месечна суспензија, од кои осум ќе бидат заменети со „терапевтски план“ за да му помогне на фудбалерот да помине период на рехабилитација поради неговата зависност од коцкање.
Некои медиуми објавија дека и покрај суспензијата, 23-годишниот фудбалер би можел да тренира со тимот, но Хау не знае дали ќе биде така.
Тонали во јули се пресели во Њукасл од Милан за 70 милиони евра, а англискиот клуб не знаеше ништо за евентуален прекршок на обложувањето кога го доведоа.
„Навистина ни се допадна како фудбалер и не знаевме дека ова е можност. Секако дека сме фрустрирани и разочарани што нема да имаме квалитетен играч одреден период. Тоа покажува дека никој не знае што понатаму. Ова е важна лекција. Ни треба силен тим за да можеме да се справиме со вакви работи. Ова е дел од животот и фудбалот“, рече Хау.
Тој додаде дека Тонали тренираше добро и е расположен иако минува низ тежок период.
Тонали во средата вечерта играше против Борусија Дортмунд (0:1) во Лигата на шампионите.



