Кан и Салихамиџиќ за разделбата со Нагелсман: „Најтешката одлука, почнавме да се сомневаме…“

Раководството на Баерн денеска и официјално му ја врачи оставката на досегашниот тренер Јулијан Нагелсман и на негово место го назначи Томас Тухел.
Разделбата со Нагелсман дојде сосема ненадејно, а за причините поради кои Баерн се откажа од еден од најталентираните тренери на планетата зборуваа првите луѓе на клубот од Минхен, Оливер Кан и Хасан Салихамиџиќ.
Генералниот директор на Баварците и легенда на германскиот фудбал Оливер Кан изјави дека главната причина за отказот на 35-годишниот Нагелсман е постоењето на сомнеж во остварувањето на целите оваа сезона, а тоа се освојувањето на Бундес лигата и Лигата на шампионите.
„Кога потпишавме договор со Јулијан Нагелсман во летото 2021 година, бевме уверени дека ќе соработуваме со него многу години. Тоа беше целта на сите нас. Џулијан ја споделува нашата аспирација да играме успешен и атрактивен фудбал. Но, сега дојдовме до заклучок дека квалитетот во нашиот тим и покрај титулата во Бундеслигата лани, се помалку доаѓаше до израз. По Светското првенство игравме помалку успешно и помалку атрактивно. Големите промени во перформансите фрлаат сомнеж врз нашите цели за оваа сезона, но и нашите цели за иднината. Затоа сега постапивме вака. Лично и во име на Баерн, би сакал да му се заблагодарам на Џулијан и неговиот тренерски тим и да им посакам многу среќа во иднина “, изјави Кан за клупската веб-страница.
Спортскиот директор на Баерн, Хасан Салихамиџиќ изјави дека ова му била најтешката одлука откако е на таа позиција.
“Ова беше најтешката одлука откако сум спортски директор на Баерн. Од првиот ден имав отворен, доверлив и пријателски однос со Џулијан. Жалам што се разделивме со него. Но, по деталната анализа на спортскиот развој на нашиот тим, особено од јануари и искуството од втората половина од претходната сезона, сега решивме да го пуштиме.Многу сум благодарен на Јулијан за тоа што го направи за Баерн и му посакувам се најдобро“ , ја објасни одлуката Салихамиџиќ.
Баерн се раздели со Нагелсман во моментот кога клубот стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите и се наоѓа на второто место во Бундеслигата, со еден бод помалку од лидерот и голем ривал Борусија Дортмунд.



