Клоп не го интересираат пари, дали навивачите на Ливерпул ќе дочекаат трансфер бомба на „Енфилд“?

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп го опиша англискиот играч за врска Џуд Белингем како „исклучителен“, но не сакаше да наддава колку пари вреди играчот на Борусија Дортмунд.
„Не сакам да зборувам за пари кога зборувам за играч како него. Сите можат да видат дека тој е исклучителен “, изјави Клоп, пренесуваат британските медиуми.
Овој 19-годишен фудбалер на Борусија Дортмунд беше дел од селекцијата на Англија која стигна до четвртфиналето на Светското првенство во Катар. Тој постојано беше поврзуван со Ливерпул и Реал Мадрид.
„Ако му го спомнете на некој кој нема поим за фудбал или не гледал фудбал долго време и го прашате колку години има Џуд Белингем, мислам дека никој нема ни приближно да погоди. Тие би рекле 28 или 29 затоа што игра толку зрело. Играше одлично на Светското првенство. Апсолутно одлично“, изјави Клоп.
„Со сите работи што ги има и работите што може да ги подобри, за да го опишам, би рекол дека работите што може да ги направи се тешки за учење, а работите што може да ги подобри се лесни за учење. Значи, да, тој е навистина добар играч“ , додаде тренерот на Ливерпул.
Клоп изјави дека и пред Мундијалот во Катар сите знаеле дека Белингем е добар играч, но истакна дека не знае што значи тоа кога се парите во прашање.
„Ако сакаме да му направиме услуга, навистина не мислам дека треба да зборуваме премногу за пари. Не ставајте такви пречки во неговиот развој“, рече Клоп.
Пред продолжувањето на натпреварувањето во Премиер лигата, Ливерпул е шести на табелата со седум бода помалку од четвртопласираниот Тотенхем, со натпревар помалку.
Првиот натпревар по паузата избраниците на Јирген Клоп ќе го одиграат денеска на гостувањето кај Астон Вила.



