Кошарка
Кметовска: Првата цел ја остваривме со победата над Данска, но не застануваме тука
По стартната победа над Данска во евроквалификациите, македонската женска кошаркарска репрезентација утревечер ја пречекува Грција во рамки на второто коло во квалификациската група Ф.
Избраничките на селекторот Александар Ашаданов во средата во Скопје ја совладаа Данска со 79-78 и со победа ги почнаа квалификациите за пласман на Европското првенство.
„Првата цел ја остваривме, но не застануваме тука. Пред нас имаме уште пет натпревари во кои сакаме да реализираме уште некоја победа“, посочи една од најискусните во македонскиот состав Ивана Кметовска во изјава за официјалниот сајт на Македонската кошаркарска федерација (КФСМ).
Грчката репрезентација доаѓа во Скопје во улога на голем фаворит и покрај поразот на домашен терен во воведниот натпревар против Хрватска со 73-76.
„Имаме кратко време за некои подетални анализи. Сепак, се запознавме со нивната игра која ја прикажаа на средбата со Хрватска, која ја загубија пред својата публика. Значи ќе бидат уште помотивирани на утрешниот меч. Не менуваме ништо во пристапот, знаеме колку можеме. Ќе се обидеме да одиграме уште поцврсто, особено во одбраната, затоа што против нас ќе имаме доста искусни кошаркарки како Спаноу и Фасула, кои заедно со Кристинаки се носителите на играта на противничката селекција“, додаде Кметовска.
Натпреварот меѓу македонската и грчка репрезентација е на програмата утре со почеток во 18 часот, а влезот во СРЦ „Кале“ ќе биде слободен за навивачите.