Крајна цел на Њукасл – Да стане најдобар клуб во светот!

Њукасл сезонава со голема брзина се врати во Лигата на шампионите. По две одиграни кола, „Страчките“ се лидери во многу тешката група Ф по ремито со Милан и убедливиот триумф од 4:1 против Пари Сен Жермен, а пред нив се два дуели со Борусија Дортмунд.
Менаџерот на Њукасл, Еди Хау ја минимизира еуфоријата по одличните европски резултати.
„Сè уште ништо не сме докажале. Сезоната е сè уште млада, а пред само неколку недели расположението беше сосема поинакво. Имаме уште многу да докажеме за да можеме да кажеме како направивме нешто. Знаеме дека нашите сопственици сакаат да станеме најдобриот клуб во светот, но не сме во моментов. Мора да работиме на тоа, но за такво нешто е потребно време – нема волшебно стапче. Мора да бидеме паметни, да донесуваме добри одлуки и да работиме напорно. Ние ја имаме нашата крајна цел“, објасни Хау .
Новите сопственици на Њукасл од Саудиска Арабија вложија во клубот, а Хау не бега од фактот дека тоа е важен дел од успехот на „страчките“.
„Никогаш не бегав од фактот дека парите се голема причина за нашиот успех. Но, тоа не е целата приказна. Многу брзо создадовме заедница со играчите кои веќе беа тука. И секој што доаѓа во нашата соблекувална ќе бидат подеднакво прифатени“, рече Хау .



