Поранешниот холандски тренер немаше никаков успех во Барселона, па неодамна го напушти клубот поради резултатската криза, додека тимот во меѓувреме го презеде поранешниот играч Чави Ернандез.
Куман моментално е слободен, а некои извори најавија дека има намера да стави крај на тренерската кариера, што е тешко да се поверува. Сега, сепак, се појави приказна за тоа како Куман го сака Глазгов Ренџерс.
Шкотскиот великан остана без тренер бидејќи легендата на Ливерпул, Стивен Џерард се пресели во Астон Вила и пред неколку дена беше назначен за тренер на англискиот тим. Џерард во 2019 година им донесе титула на Ренџерс која се чекаше цела деценија, па доби одлична шанса да се изгради како тренер во Англија, земја во која остави голема трага како играч на Ливерпул и на англиската репрезентација.
Според Фудбал Инсајдер, Куман е еден од главните фаворити за наследник на Џерард и Ајброкс нашироко ја разгледува таа можност. Директорот на шкотската екипа Рос Вилсон има за цел да назначи престижен и реномиран тренер, а покрај него кандидат е и Џон Тери, поранешен капитен на Челзи и уште еден поранешен англиски репрезентативец кој полека станува селектор.
Покрај во Барселона, Куман работеше и во Евертон, Саутемптон, Ајакс, Бенфика и Валенсија, а поддршка му дава и тоа што во Саутемптон работеше со актуелниот директор на Ренџерс Вилсон.
Токму оваа врска ја започна приказната за доаѓањето на Куман во Шкотска, но останува да видиме дали на крајот навистина ќе се оствари.