Легендарниот Колина контра изјавите на Трамп: Тој е еден од најдобрите!

Некогаш најдобриот светски судија, а сега претседател на Судиската комисија на ФИФА, Пјерлуиџи Колина, застана во одбрана на бразилскиот арбитар Рафаел Клаус, по критиките што на негова адреса ги упати американскиот претседател Доналд Трамп.
Да потсетиме, Трамп вчера ја оспори одлуката на бразилскиот судија, тврдејќи дека станувало збор за обичен судир меѓу двајца фудбалери.
„Тоа не беше прекршок. Тоа беа двајца играчи кои трчаа со полна брзина и едноставно се судрија. Не можете намерно да згазнете некого на стапалото. Тоа беа двајца врвни спортисти кои се заплеткаа“, изјави Трамп, по што го доведе во прашање и кредибилитетот на судијата.
„Тој е малку сомнителен. Ако го погледнете неговото минато… Не сакам да создавам контроверзии, но многу е сомнителен“, рече Трамп.
На овие изјави реагираше Пјерлуиџи Колина, кој нагласи дека ФИФА има целосна доверба во бразилскиот арбитар.
„ФИФА го смета Рафаел Клаус за еден од најдобрите професионални судии во светот и ценет член на елитната група судии на Светското првенство. Во текот на својата кариера доследно ги покажуваше највисоките стандарди на професионалност и интегритет“, изјави Колина.
Тој додаде дека Клаус ужива голема доверба во рамките на ФИФА.
„Рафаел Клаус суди на своето второ Светско првенство, по настапот на турнирот во Катар во 2022 година. Станува збор за искусен и високо ценет судија и имаме целосна доверба во него како службено лице на натпреварите“, истакна претседателот на Судиската комисија на ФИФА.



