Македонија со 88 спортисти на Медитеранските игри во Италија, Дејан Георгиевски најголем адут за златен медал!

Македонскиот олимписки комитет (MOK) денес во просториите на СРЦ „Јане Сандански“ ја претстави делегацијата која ќе ја претставува Македонија на Медитеранските игри Таранто 2026.
За подготовките, очекувањата и амбициите пред настапите говореа дел од спортистите, како и претседателот на МОК, Даниел Димевски.
– Одиме максимално подготвени. МОК даде максимална логистичка поддршка. Тоа значи патувањето, сместувањето, опремата и сето друго што се вика логистика. Ангажиравме и психолог, како и максимално професионална рекуперација. На опремата со нашите национални бои е и логото кое ги содржи нашето знаме, МКД кратенката по што многу лесно ќе бидеме препознаени. МОК се потруди и да се доближиме и до најмладите промотивна кампања. Сакам да испромовирам уште еден нов момент, а тоа е нашата Македонска олимписка дијаспора. Ова тело ќе земе активно учество во градење мост до сите наши иселеници коишто ја чувствуваат Македонија како своја татковина и нивните деца. Очекувам нашите спортисти да се претстават во најдобро светло.
Од името на спортистите за добиените услови и опрема од страна на МОК се заблагодари одбојкарката Емилија Поп Јордановска.
– По втор пат учествуваме како одбојкарска женска репрезентација на едни Медитерански игри. Овој пат сме многу помотивирани. Очекуваме да ја поминеме групната фаза и да ја израдуваме Македонија со што е можно повеќе победи., рече Јордановски.
Наш најголем фаворит за медал е Дејан Георгиевски – олимписки медалист од Токио.
– За мене ова се трети Медитерански игри. Имам освоено сребро и бронза, сега одиме на злато. Очекувам сите наши спортисти да дадат максимум и да се вратиме со што повеќе медали, рече Георгиевски.
Македонската делегација во Таранто, Италија ќе бори 130 члена од кои 88 спортисти кои ќе се натпреваруваат во 19 од вкупно 33 спортови. Ова е најброен македонски состав досега на Медитерански игри.
Досега македонските спортисти имаат освоено 14 медали на Медитеранските игри.



