Маркињос стави крај на мачењето на Бразил во Перу

Фото: Brazil’s Marquinhos, top, scores his side’s opening goal against Peru during a qualifying soccer match for the FIFA World Cup 2026 at National stadium in Lima, Peru, Tuesday, Sept. 12, 2023. (AP Photo/Martin Mejia)
Бразил максимално по две кола од квалификациите за Светското првенство во зоната „Јужна Америка“, единствено со селекцијата на Аргентина.
Бразил се мачеше, но победи против Перу во Лима. И заслужено, иако тој триумф го оствари со задоцнет гол, во 90. минута – 1:0.
Се чинеше дека Перуанците ќе го направат првото големо изненадување во мундијалските квалификации, беа на дофат да освојат бод против фаворизираниот Бразил, но потклекнаа на крајот од мечот.
Пред тоа имаа многу среќа дома, дури два гола на Ричарлисон беа поништени поради офсајд, во 16. и 29. минута. Во една од тие две ситуации, судиите долго време ги гледаа снимките од ВАР, навистина беше тешко да се донесе одлука.
Перуанците ја загубија концентрацијата во 90. минута, Нејмар изведе корнер, Маркињос со глава реагираше фантастично на првата статива и обезбеди три бода.
А натпреварот меѓу Венецуела и Парагвај беше решен во финишот, во третата минута од судиското надополнување. Најпрвин беше поништен голот на домаќините од 78. минута, се утврди дека Ерера играл со рака во таа ситуација. Сепак, во 90+3. минута домашните добија пенал, а на радост на домашната публика во Матурин прецизен беше Рондон, па Венецуелците славеа – 1:0.
Мрежите останаа недопрени на дуелот меѓу Чиле и Колумбија – 0:0. И на овој меч беше поништен еден гол по интервенција од ВАР собата, Марипан уште во 77. минута беше во офсајд позиција.



