Фудбал
Меси се огласи по промашениот пенал: Лут сум на себе!
Лионел Меси беше една од централните фигури на мечот меѓу Аргентина и Полска, кој „гаучосите“ по голема борба и многу возбудувања го добија во своја корист (2:0), со што обезбедија пласман во осминафиналето.
Во финишот на првото полувреме Аргентина имаше одлична можност да поведе, но Меси не успеа да го искористи пеналот што му беше досуден .
Тоа беше првиот промашен пенал за Аргентинецот на Светското првенство во Катар, откако го изведе првиот на мечот со Саудиска Арабија.
Интересно е што за Аргентинецот ова беше дури 31. промашување од 11 метри во кариерата!
По натпреварот Меси си го отвори срцето.
„Лут сум на себе поради промашениот пенал. Имам впечаток дека тимот беше посилен по мојата грешка. Знаевме дека ако го постигнеме првиот гол, тоа може да промени се“, рече Меси.
Репрезентацијата на Аргентина во осминафиналето ќе се соочи со Австралија. Лео е свесен дека добар дел од работата е завршена, но таа голема возбуда допрва следи.
„Мислам дека мечот со Австралија ќе биде многу тежок. Секој може да победи секого, се е некако изедначено. Мораме да го подготвиме тој натпревар на најдобар можен начин, како што обично правиме“, изјави „десетката“ на Аргентина.