SportM
Фудбал

Меси стана играч со најмногу настапи на Светските првенства, но ФИФА му поништи еден рекорд

Редакција4 јул 2026
Меси стана играч со најмногу настапи на Светските првенства, но ФИФА му поништи еден рекорд

Лионел Меси третпат на ова Светско првенство беше избран за најдобар играч на мечот. Капитенот на Аргентина постигна гол и учествуваше во уште два, во тешката победа над дебитантот Зеленортски Острови со 3:2.

Со погодокот за водство од 1:0, Меси стигна до јубилеен дваесетти гол на Мундијалите, а тоа воедно беше и негов осми натпревар по ред со погодок на светските собири. Интересно е дека Меси блеска на Мундијалите по наполнети 35 години: пред тој роденден имаше дадено само шест гола, а по него веќе нареди четиринаесет.

Против Зеленортски Острови, Меси го сруши и рекордот по број на настапи на Светските првенства. Стана првиот со триесет одиграни мечеви на планетарните собири. Зад него е Роналдо со дваесет и шест, а Лотар Матеус има дваесет и пет натпревари.

На истата средба Меси беше на прагот да испише уште еден рекорд, но сепак не успеа. По негово изведување корнер, првично беше запишано дека стрелец на третиот гол за Аргентина е Кути Ромеро, со што Меси ќе стигнеше до деветта рекордна асистенција на Светските првенства и ќе го надминеше легендарниот сонародник Диего Армандо Марадона, кој има осум. Подоцна, ФИФА изврши корекција и наместо гол на Ромеро, беше заведено дека Зеленортски Острови си постигнаа автогол, бидејќи последен до топката допре Дани Борхес. Со тоа асистенцијата на Меси се поништи, па капитенот на Аргентина останува на осум и го дели врвот со Марадона.

Следната шанса да го собори и тој рекорд, Меси ќе ја има во осминафиналето против Египет.

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.