Фудбал
Милевски по големиот пораз: Не личевме на тим кој 14 натпревари немаше пораз!
Фудбалската репрезентација на Македонија претрпе убедлив пораз од 7-1 на гостувањето кај Велс во последното коло од квалификацискиот циклус за СП 2026. По ова, ждребот за плејофот за пласман на Мундијалот ќе го чекаме од последниот, четврти барабан.
Селекторот Благоја Милевски призна дека резултатот е многу тежок за прифаќање.
-Далеку бевме од нашето вистинско издание, едноставно не бевме на потребното ниво. Потфрливме во многу аспекти, не личевме на тимот кој претходно 14 натпревари беше непоразен. Но, овие играчи се истите оние што ни донесоа бројни радости и долго време не знаеја за пораз. Што се однесува до мене, воопшто нема дилема дека имам мотив и желба да продолжам да ја водам Македонија“, изјави селекторот Благоја Милевски.
Во продолжение и се обиде да направи анализа на убедливиот пораз.
–Не најдовме решение за нивната агресија. Сакам да му честитам на Велс. Одговорноста ја преземам целосно, секогаш била моја. Начинот на кој загубивме боли уште повеќе од резултатот. Не успеавме да одговориме физички, па ваков исход беше речиси неизбежен“, го заврши Милевски своето обраќање.