Connect with us

Фудбал

Мурињо ја продолжи војната со британските новинари

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо не беше расположен на денешната прес-конференција, која ја закажа во 08:30 часот по локално време пред утрешниот натпревар против Њукасл во Премиер лигата.

Таа траеше само три минути и 32 секунди, откако на половина од шесте прашања тој одговори со по два-три збора или ги остави неодговорени, како што во последно време сака да прави при средбите со медиумите. Со тоа тој ја продолжи војната со медиумите која трае во последниов еден месец.

– Да, нашите резултати не се доволно добри. Знам дека е почеток на октомври и ги гледаме табелите во другите првенства, но многу од нив го одразуваат она што ќе се случи во наредните месеци или на крајот на сезоната. Ние сме во добра позиција, во која можеме да се справиме многу подобро. За тоа ни требаат поени што ги изгубивме во последните два натпревара, каде што имаме само еден од шест, изјави Мурињо утрово.

На прашањето за лошата серија на тимот, Мурињо изјави дека имаат само еден пораз дома во сезоната.

– Точно е, немаме победи дома. Но, имаме само еден пораз на „Олд Трафорд“ во сезоната, само еден пораз во последните седум натпревари. Но не и победи дома во последните три натпревари – три нерешени. Чувството не е исто како при пораз, но тие не носат радост како победите. Значи, важно е да се обидеме да го освоиме утрешниот натпревар, рече Мурињо, кој го дефинира претстојниот натпревар како многу тежок.