SportM
Тајм аут

Најдобрата германска тенисерка добива навредливи пораки, најчесто од незадоволни обложувачи!

Редакција21 сеп 2026
Најдобрата германска тенисерка добива навредливи пораки, најчесто од незадоволни обложувачи!

Германската тенисерка Ева Лис, која има 24 години и моментално е најдоброрангирана Германка, ги доживува најдобрите моменти во кариерата, но истовремено се соочува со сериозни проблеми поради зголемената популарност.

Лис се проби меѓу најдобрите 40 тенисерки во светот, но по поразите редовно добива илјадници навредливи пораки, најчесто од незадоволни обложувачи.

„Добивам илјадници пораки со омраза директно на Инстаграм по секој пораз. Ми ги испраќаат сумите што ги изгубиле на обложување и бараат да им ги вратам парите. Тоа е целосно болно“, откри Лис.

Ситуацијата не останала само на социјалните мрежи. Тенисерката открива дека била следена и во реалниот живот, а поединци успевале да дознаат каде тренира, во кои хотели престојува, па дури и броеви на нејзините соби. Таа добивала и закани за силување и смрт, насочени и кон нејзината мајка.

Поради сериозноста на ситуацијата, Лис соработува со WTA за подобрување на безбедноста на неа и нејзиното семејство.

Проблемот не е изолиран. И други тенисерки, меѓу кои Ема Радукану, Ига Швјонтек и Јулија Путинцева, се соочиле со следење и вербално малтретирање.

WTA во борбата против онлајн заканите го користи системот „Threat Matrix“, кој со помош на вештачка интелигенција открива навредлива содржина и го проценува нивото на закана. Само од јануари до октомври 2025 година биле идентификувани околу 12.000 објави што ги прекршуваат правилата, а 15 најсериозни случаи биле пријавени во полиција.

И покрај сè, Лис вели дека сака да ја покаже и позитивната страна на животот на професионалната тенисерка. На социјалните мрежи ја следат повеќе од 400.000 луѓе, а нејзиниот имиџ го препознаа и големи спонзори.

„Сакам да покажам поинаква, позитивна страна на тенисот и не сакам хејтерите да ми ја одземат“, порача Лис.

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.