Најпогодениот клуб од коронавирус се врати на тренинзи!

Коронавирус не ги заобиколи фудбалските клубови. Ковид-19 најтешко го погоди Бразилецот Фламенго.
Претходно овој месец, Фламенго објави дека дури 38 членови на клубот од Рио де Жанеиро се позитивни на Ковид-19. Стануваше збор за тројца играчи на тимот и 35 други вработени. На почетокот на мај, долгогодишниот клупски масер почина од коронавирусот.
Сепак, и покрај тешката состојба, вчера беше објавено дека тимот се вратил на тренинзите со строго почитување на мерките за социјална дистанца и хигиена, откако играчите и стручниот штаб повторно беа тестирани.
Фудбалот во Бразил беше запрен кон средината на март. Неколку од најголемите клубови ги поканија играчите да се вратат на тренинзите, додека сè уште не е познато кога ќе продолжи сезоната.
Болсонаро, претседател на Бразил, се залага за продолжување на првенството и покрај тоа што од ден на ден расте бројот на заразени и мртви. Во најнаселената јужноамериканска држава досега се пријавени над 250.000 случаи.



