Немања Матиќ ја донесе конечната одлука

Српскиот играч за врска Немања Матиќ потврди дека го напушта Манчестер Јунајтед на крајот од сезоната.
Матиќ во Манчестер пристигна како големо засилување уште во 2017 година, но оваа сезона не е во прв план.
Тој забележа само 17 настапи и долго се шпекулира за негово заминување.
Неговиот договор е со важност до 2023 година, но тој на Инстаграм потврди дека ова е негова последна сезона во англискиот клуб.
„Одлучив дека ова ќе биде мојата последна сезона во дресот на Манчестер. За тоа ги информирав клупските челници, менаџерите и играчите. Беше чест и привилегија да се игра за овој голем клуб. Голема благодарност до навивачите за поддршката“, напиша Матиќ.
Тој додаде дека ќе даде се од себе за да им помогне на соиграчите да постигнат најдобри можни резултати до крајот на оваа сезона.
На крајот на минатата година се шпекулираше дека Матиќ кариерата ќе ја продолжи со Жозе Мурињо во Рома.



