Connect with us

Фудбал

Неверојатнo- Ова е клубот кој за три години може да стане шампион на три различни држави!

Суданскиот Ал-Хилал можеби не е најсилниот фудбалски тим во Африка, но оваа сезона има шанса да постигне резултат каков што светот на фудбалот досега не видел.

Станува збор за најголемиот судански клуб, кој има освоено 31 титула државен шампион. Сепак, поради тековната војна во Судан, клубот беше принуден да се натпреварува во други држави.

Ситуацијата е навистина неверојатна. Ал-Хилал пред две години беше шампион на Судан, но следната година беше приморан да се пресели во Мавританија. Таму беа одлично примени, а Ал-Хилал ја освои и титулата шампион на Мавританија.

Оваа година клубот е примен во лигата на Руанда и започна одлично — со победа над Кигали во дербито. Поради логистички и административни проблеми, имаат шест заостанати натпревари на почетокот од сезоната, но се сметаат за еден од фаворитите за титулата и во Руанда.

Така, доколку сè се одвива според очекувањата на Ал-Хилал, тие би можеле во три години по ред да освојат три шампионски титули во три различни држави — Судан, Мавританија и Руанда. Тоа би бил случај каков што никогаш досега не е забележан во светот на фудбалот.

Клубот, според африканските стандарди, се наоѓа во одлична финансиска состојба. Доказ за тоа е фактот дека самиот клуб си го изградил својот стадион, „Синиот бисер“, со капацитет од 25.000 гледачи. Со тоа се издвојуваат од останатите големи африкански клубови, бидејќи стадионот е целосно финансиран со сопствени средства.

Сепак, Ал-Хилал никогаш не успеал да стане првак на Африка, иако имал неколку можности. Двапати играле во финалето на Африканската Лига на шампиони, но и во 1987 и во 1992 година биле поразени. Минатата година испаднале во четвртфиналето, а оваа година повторно се надеваат дека ќе направат историски чекор напред.