Нов скандал со Иран на Светското првенство

Националниот тим на Иран добил наредба да ги напушти Соединетите Американски Држави само неколку часа по завршетокот на натпреварот од Светското првенство против Нов Зеланд, откри селекторот Амир Галеноеи по ремито 2:2 во Група Г.
Галеноеи не прецизира од каде стигнала директивата што ги поништи првичните планови иранската репрезентација да ја помине ноќта во Калифорнија. Тој изјави дека веднаш по последниот свиреж целата експедиција се качила во авион и се вратила во базата во мексиканскиот град Тихуана.
„Ни оставија ниту минута за опоравување. По натпреварот ни рекоа дека мора моментално да заминеме. За фудбалерите одморот е многу важен, но нè принудија да се качиме во авионот и да се вратиме во базата во Тихуана. Тоа ни создаде многу проблеми“, изјави тој, цитиран од агенцијата АП.
„Искрено, не знам зошто нè вратија. Чудно е и изгледа дека други луѓе го планираат нашиот престој овде. Одлуките се носат на друго место. Според планот, требаше да пристигнеме два дена пред натпреварот, да ја поминеме ноќта во Калифорнија и да се вратиме напладне. Не знам зошто не беше така. По мое мислење, нашиот тим е најпотиснат на Светското првенство“, додаде иранскиот селектор преку преведувач.
„Ниту добивме време да се приспособиме по патувањето до Мексико. Многу фудбалери добиваа грчеви и моравме да правиме замени. Причината не е тактичка, туку поради повреди и грчеви. Во вторник ќе бидат прегледани, но повторно мора да ја нагласам тешката ситуација во која сме ставени“, истакна Галеноеи.
Нов Зеланд беше многу блиску до првата победа на турнирот, но Иранците покажаа карактер и се изборија за бод.



