Ориги реши да го напушти Ливерпул: Следна дестинација е Италија

Белгискиот напаѓач Дивок Ориги по седум години реши да го напушти Ливерпул.
Ориги во Ливерпул пристигна во летото 2014 година за 13 милиони евра од Лил, а играше како позајмен во Лил и Волфсбург. Но, тој во претходните сезони остана во Ливерпул иако ја нема улогата на првотимец.
Белгиецот шансата ја добиваше најмногу од клупата, што секако не е тоа што го посакува. 26-годишниот играч повеќе нема трпение да чека за првотимско место во Ливерпул и одлучи дека е време да замине.
Англиските медиуми пренесуваат дека Ориги им рекол на клупските челници дека сака да ја промени средината во јануари, и дека ќе оди во тим во кој ќе има многу поголема минутажа.
Утринава италијанскиот Тутомеркато објави дека Ориги е на мета на неколку европски клубови, но како што стојат работите кариерата би можел да ја продолжи на Апенините.
Наводно, најголем интерес за Белгиецот покажале Милан и Аталанта, кои се во преговори со Црвените, па единствено прашање е кој ќе даде поголема понуда за Ориги.
Ориги е подготвен да ја продолжи кариерата во Серија А и ќе биде интересно да се види дали тоа ќе биде Милан или Аталанта која и оваа сезона игра фантастично.
Белгиецот во досегашниот дел од сезоната одигра десет натпревари во сите натпреварувања, а успеа да постигне пет гола и да забележи две асистенции. Интересно, на три натпревари во ПЛ одигра само 38 минути, но успеа да постигне два гола.



