Connect with us

Фудбал

Откриена мистеријата на „летечкиот човек“: Што правеше Белингем на тренингот на Реал?

Англискиот офанзивец Џуд Белингем (22) неодамна беше снимен како изведува необична вежба на тренинг, а мистеријата зад таа вирална фотографија сега е откриена.

Имено, фотографијата од тренингот на Реал Мадрид на која Џуд Белингем изгледа како да лебди во воздух стана вирална минатата недела. Самиот Белингем доби и прекар од англиските медиуми – „летечкиот човек“.

На фотографијата, Англичанецот изведува необична вежба со виолетова еластична лента затегната околу копачките, додека во рацете држи гири (руско ѕвоно) тешко околу 14 килограми.

Овој призор воедно го сврте вниманието кон иновативните методи на тренинг низ кои ѕвездите на Реал Мадрид поминуваат во нивниот тренинг-камп Валдебебас, а порталот The Athletic пишува дека станува збор за единствен вид на чучнување.

Објаснија дека гумената лента околу стапалата им помага на играчите при изведување на еластична мускулна контракција за време на скокот, што поттикнува плиометриска контракција – клучна за развој на мускулна сила.