Други спортови
Ова се македонските скијачи кои ќе настапат на ЗОИ 2026-та
Македонскиот олимписки комитет денес им посака успешни настапи на нашите скијачи кои ќе учествуваат на Зимските олимписки игри Кортина Милано 2026
Македонските скијачи во Италија ќе заминат со новата официјална опрема на брендот „JOMA“, изработена за потребите на тимот во зимски услови.
На денешната прес-конференција, претседателот Даниел Димевски изрази задоволство поради тоа што македонската репрезентација за прв пат ќе има четворица натпреварувачи.
– Досега не се случило четири македонски натпреварувачи и тоа сите со остварена норма да бидат дел од ЗОИ. Македонскиот олимписки комитет ги овозможи сите услови за нашите претставници подготвени да отидат на ваков вид натпреварување. Обезбедивме и комплетна зимска опрема. Имам чувство дека ќе направиме некој добар резултат. Се надевам дека нашите скијачи ќе се претстават во најдобро светло, истакна Димевски.
Олимпијадата со оптимизам ја очекуваат и македонските натпреварувачи. Тие сите ветуваат дека на патеките во Италија ќе го дадат својот максимум во насока на остварување на што подобар резултат.
На ЗОИ 2026 ќе настап следниве македонски спортисти:
Ана Цветановска ќе се натпреварува во нордиско трчање спринт и интервал старт 10 км.
Ставре Јада исто така ќе учествува во нордиските трки – дисциплини спринт и интервал старт 10 км.
Јана Атанасовска ќе се трка во алпските дисциплини слалом и велеслалом
Мирко Лазарески исто така ќе скија во дисциплините слалом и велеслалом.
Нашите нордијци на патеките ќе се појават на 10,12 и 13 февруари, додека Атанасовска и Лазарески ќе ги гледаме на 14, 15 и 18 февруари.
Зимските олимписки игри Кортина Милано 2026 ќе се одржат од 6-22 февруари.